Обилните дождови веќе четврти ден погодуваат делови од Нов Зеланд, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето и принудувајќи стотици луѓе да ги напуштат своите домови, јавува Ројтерс.
Градот Нелсон, на северниот брег на Јужниот Остров, беше најпогоден со повеќе од 400 домови евакуирани, а некои домови беа прогласени за непогодни за живеење поради дождот.
– Штетата што ја видов кај Нелсон беше многу вознемирувачка и мислам дека ќе им требаат години да се опорават. Додека се возевме, насекаде имаше одрони – рече претставник на цивилната одбрана на прес-конференција. Метеоролошката канцеларија соопшти дека од вторникот паднале 172 мм дожд во Нелсон, што е повеќе од двојно повеќе од просечните врнежи во август.
На жителите на Нелсон им било кажано да штедат вода поради проблеми со водоводниот систем на градот.
Службата за цивилна одбрана исто така ги предупреди жителите да не се приближуваат до брегот поради ударот на брановите од три метри на некои плажи.
Армијата на Нов Зеланд е ангажирана во работата за евакуација и превенција од поплави, според Ројтерс и Танјуг.
Обилни врнежи го погодија и Северниот остров во Нов Зеланд во изминатите 24 часа, некои градови се отсечени, патиштата и куќите се под вода, а луѓето се евакуирани.
Цивилната одбрана на Северниот Остров во објава на Фејсбук соопшти дека поплавите се очекува да се смират бидејќи плимата се намали подоцна денеска, но некои патишта останаа затворени.
Според Ројтерс, предупредувањето за силен дожд останува во сила во текот на денешниот ден за Нов Зеланд.