среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нетанјаху ја предупреди Саудиска Арабија за опасноста од Иран

Нетанјаху ја предупреди Саудиска Арабија за опасноста од Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја предупреди Саудиска Арабија на опасноста од обновување на дипломатските односи со Иран по договорот постигнат со посредство на Кина во март.

„Оние кои се сојузници со Иран се сојузници со мизеријата. Погледнете ги Либан, Јемен, погледнете во Сирија, погледнете во Ирак. Деведесет и пет отсто од проблемите на Блискиот Исток потекнуваат од Иран“, рече Нетанјаху синоќа во интервју за американскиот ТВ канал Си-Ен Би-Си.

Израелскиот лидер ги даде коментарите по повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Ријад и Техеран според договорот за кој експертите велат дека е удар за планот на Нетанјаху да го изолира Иран во регионот и напорите за нормализирање на односите со Саудиска Арабија.

Нетанјаху се обиде да се погрижи одлуката на Саудиска Арабија да не се гледа како пречка за амбициите на Израел.

„Мислам дека тоа веројатно има повеќе врска со желбата да се деескалира, па дури и да се стави крај на долгорочниот конфликт во Јемен. Мислам дека Саудиска Арабија, тамошното раководство, нема илузии за тоа кои се нивните пријатели, а кои се нивните непријатели“, рече премиерот на Израел.