Источна Австралија денеска беше погодена од невообичаен метеоролошки феномен, кој истовремени донел песочна бура, снег и силни ветрови. Ветровите ги разгореа шумските пожари и предизвикаа оштетување и нарушување на транспортните врски во многу области.
-Овој феномен предизвикува ненормално и опасно време, рече Џејн Голдинг, претставничка на Австралиската метеоролошка служба.
-Имавме истовремено и пожари и снег на растојание од само 500 километри, додаде таа.
Песочната бура, која започна синоќа, продолжи и во текот на денешниот ден во Сиднеј и главниот град Канбера.
Во државата Квинсленд жежок бран ги зафати северните крајбрежни градови, а јужните региони, исто така, беа погодени од големата песочна бура.
Во јужна Австралија, околу 40.000 згради останаа без електрична енергија, а неодреден број домови претрпеа материјална штета поради вчерашните исклучително силни ветришта.
Околу 100 летови на аеродромот во Сиднеј денеска беа откажани поради силни ветрови.
Во планинската држава Нов Јужен Велс, имаше снежна бура со ветрови од 110 километри на час и невообичаено студено време за сезоната.
Во североисточниот дел на државата се издадени предупредувања за вонредна состојба поради заканата за домови во близина на брзорастечкиот шумски оган, поттикнат од силни ветришта.
Пожарната служба попладнево соопшти дека пожарот во шумска област во Солт Аш (околу 170 километри северно од Сиднеј) сè уште претставува закана.
Училиштата останаа затворени, а домови беа евакуирани, додека пожарникарите и волонтерите, вклучувајќи го и поранешниот австралиски премиер Тони Абот, се бореа со огнот.