вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нотр-Дам во потрага по камења за нејзината обнова

Нотр-Дам во потрага по камења за нејзината обнова

Реконструкцијата на опожарената катедрала Нотр-Дам во Париз, бара точно познавање на материјалите кои се користеле во средниот век, што е од суштинско значење за да се обезбеди идентична обнова, јави дописникот на МИА.

Потрагата по делкани камења вклучува геолошки истражувања во каменоломи и лабораториски испитувања на примероците. За таа цел е потпишан договор меѓу јавната установа одговорна за обновување на Нотр-Дам и Бирото за геолошко-рударско истражување, со цел да се изберат камењата што ќе ги заменат оние што беа оштетени од пожарот во 2019 година.

Овие камења, кои мора да бидат „естетски и физички компатибилни“ со архитектонскиот ансамбл формиран од катедралата, ќе мора да се најдат „во големи количини“. За таа цел е дефинирана програма за истражување и развој, одобрена од Советот на министри, за идентификување и избор на овие нови камења. Методологијата предвидува геолошки истражувања во каменоломи и лабораториски испитувања на примероци. Програмата вклучува лабораторија за истражување на историските споменици на Министерството за култура.

Оригиналните камења на Нотрд-Дам биле извлечени во 12-13 век од подземјето на Париз: тие биле варовнички карпи од геолошки слој формиран пред 41-48 милиони години. Ваквите депозити се појавуваат во многу сектори на парискиот слив. Тие сè уште се експлоатираат и денес за набавка на камења, во околу десет каменоломи во Оас и Ен. Овај варовник е резултат на комплексен процес на таложење, што програмата планира да го проучи со цел да ги идентификува нивните карактеристики. Програмата треба да биде реализирана до средината на 2021 година и ќе се фокусира првенствено на активните каменоломи, а потоа и на неискористените депозити доколку е потребно.

Оваа година започнува фазата на реставрација на „бисерот“ на готска уметност, која мора да заврши во април 2024 година. Меѓу другите мисии, јавната установа одговорна за обновување има и промовирање на знаење, односно точното познавање на материјалите што се користат во средниот век – дрво, камења, итн. – што е од суштинско значење за да се обезбеди идентична реконструкција во најдобри услови.

Во ноември, француската владата презентираше уредба со која се олеснува повторното отворање или продолжување на работата на нови каменоломи, таму каде што е потребно. Ова треба „значително да ја олесни работата за реставрација на Нотр-Дам“, која има „значителна потреба од изделкан камен“.

Во меѓувреме, во француските дабови шуми се бараат стогодишни дабови за кровната конструкција, која ист така настрада во пожарот.