сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нов белгиски министер за правда Пол ван Тихелт положи заклетва

Нов белгиски министер за правда Пол ван Тихелт положи заклетва

Пол ван Тихелт денеска пред белгискиот крал Филип положи заклетва како нов вицепремиер и министер за правда и Северното Море на Белгија.

По полагањето на заклетвата, Ван Тихелт изјави дека ќе побара истрага, одговори и решенија за нападот во Брисел од минатиот понеделник при кој мигрантот по потекло од Тунис, Абдесалем Ласавед уби двајца шведски државјани и рани трет.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ван Тихелт истакна дека ќе работи на спроведување на новиот Акциски план за полицијата и судството, што во саботата го презентираше белгискиот премиер Александер де Кро и дека има намера да постигне резултати.

Ван Тихелт, кој доаѓа од редовите на партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) на премиерот Де Кро, го наследи Винсент ван Кикенборн, кој поднесе оставка откако беше обелоденето дека биле направени сериозни пропусти поврзани со барањето на туниските власти за екстрадиција на Ласавед, кој избегал од затвор во Тунис за време на „арапската пролет“ во 2011 година. Ласавед, кој претходно бил во затвор и во Шведска, поднел барање за азил во Белгија, но иако тоа му било одбиено пред три години, тој не бил депортиран од земјата.

Досега 50-годишниот Ван Тихелт беше заменик шеф на Кабинетот на Ван Квикенборн и важеше за негова десна рака. Од 2016 до 2020 година тој раководел со Координативната единица за анализа на закани (ОЦАД), во чиј мандат се случија нападите на бриселскиот аеродром и метро станицата Малбек во Брисел во март 2016. Пред тоа работел и во кабинетот на министерот за внатрешни работи, како и во Јавното обвинителство во Антверпен.