Утрово се отворени 304 избирачки места во Нова Каледонија на втор референдум за самоопределување, на кој жителите на таа француска прекуморска територија на Пацификот ќе се изјаснат дали сакаат независност од Франција.
Речиси 180.000 гласачи треба да одговорат на прашањето дали сакаат Нова Каледонија „да добие целосен суверенитет и да стане независна“.
На тој архипелаг, оддалечен 18.000 километри од Париз, првиот референдум се одржа на 4 ноември 2018 година, а приврзаниците за останување дел од Франција победија со 56,7 проценти од гласовите.
Нова Каледонија стана француска територија во 1853 година и првично беше казнена колонија. Оттогаш, независноста е цел на домородното население Канак, кое сочинува околу 40 проценти од населението.
Резултатите од првиот референдум за независност во 2018 година беа потесни отколку што се очекуваше, што поборниците за независност го сметаа за нивна мала победа што ќе им помогне на идните референдуми.
Резултатите беа подеднакво поделени и по расна основа. Регионите со доминантно европско население, вклучително и главниот град Нумеу, со огромно мнозинство гласаа за останување во Франција, а областите населени со Канаци со огромно мнозинство гласаа за независност.
Европејците сочинуваат 27 проценти од населението во Нова Каледонија, која располага со големи резерви на никел.
Разликата меѓу двата табора во 2018 година беше околу 18 000 гласови, така што овој пат битката се води за гласовите на 33 000 гласачи кои не гласаа во тоа време. Но, без објавени анкети во последните шест месеци, тешко е да се предвиди колку биле успешни кампањите.
Нова Каледонија, според договорот потпишан во 1998 година има право на три референдуми за независност. Следната можност е во 2022 година.