среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Новата министерка за надворешни работи на Франција ја посети Буча

Новата министерка за надворешни работи на Франција ја посети Буча

Новата француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, која е во посета на Украина, денеска го посети киевското предградие Буча, каде беше извршено масовно убиство на цивили за што украинските власти ги обвинуваат руските сили.

По повлекувањето на руските трупи од локацијата кон крајот на март и откривањето на стотици тела на украински цивили, Буча стана симбол на воени злосторства за кои Украина ја обвинува Русија.

„Ова не треба да се случува, ова никогаш не треба да се повтори“, рече француската министерка за надворешни работи.

„Франција е на страната на Украинците и заедно со своите пријатели и сојузници ќе направи се за да го врати мирот“, рече Колона. Таа, исто така, го истакна придонесот на Франција во истрагата по наводните воени злосторства, наведувајќи го распоредувањето на француски експерти на лице место што ќе бидат вклучени во истрагата и идентификувањето на телата.

„Ние одговоривме први“, рече Колона изразувајќи надеж дека правната постапка во врска со телата ќе биде завршена што е можно поскоро за да можат семејствата да ги погребаат своите најблиски.

Колона рече дека само резултатите од истрагата спроведена од украинските власти ќе овозможи утвтрдување на идентитетот на одговорните за злосторствата, врз основа на фактите обезбедени и со помош на француските крим-техничари.

Колона е највисокиот француски функционер што ја посетил Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.