Три недели по последниот случај, денеска во Иран е пријавен нов случај на труење во женско училиште, еден ден по обновувањето на наставата по двонеделен одмор.
Дваесет ученички од училиште во Табриз на северозападот на земјата се примени во болница поради респираторни проблеми, објави агенцијата ИРНА.
Според итната служба, ниту една од нив не е во животна опасност.
Од крајот на ноември, неколку училишта, претежно за девојчиња, беа погодени од ненадејни труења со гас или токсични труења што предизвикаа колапс на некои деца, а понекогаш мораше да бидат и хоспитализирани.
Властите соопштија дека биле погодени повеќе од 5.000 ученици и ученички во повеќе од 230 училишта во 25 од 31 провинција во Иран. Тие започнаа во светиот шиитски град Ком во централен Иран.
Низата напади заврши кога властите на почетокот на март објавија дека околу сто лица биле уапсени во врска со труењата.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи повика на „строги казни“, до смртна казна, за оние кои се прогласени за одговорни за труењата, нарекувајќи ги „непростливи злосторства“.