Најмалку 120 деца на возраст меѓу 1 и 17 години се убиени од полицијата или од маскирани напаѓачи за време на војната против дрогата од 2016 година, што ја започна претседателот на Филипините, соопшти невладина организација со седиште во Женева.
– Тоа е врвот на ледениот брег и може да има многу повеќе, изјави Џералд Стаберок, генерален секретар на Светската организација за борба против тортура (ОМКТ).
– Ова се директни егзекуции на деца, рече тој.
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте почна немилосрдна кампања против трговијата со дрога, која повикува полицијата да убива шверцери со дрога.
Во извештајот на OMКT се документирани 122 убиства на деца меѓу јули 2016 и декември 2019 година на национално ниво.
Според истрагите на ОМКТ, близу 40 проценти од тие деца биле егзекутирани од полицијата, додека повеќе од 60 отсто биле убиени од непознати лица, честопати маскирани напаѓачи, од кои некои биле во директен контакт со полицијата.
Некои деца биле директни цели, особено ако биле сведоци на други убиства. Други се убиени за размена на идентитети или кога вистинската цел не била пронајдена. Некои починале од залутани куршуми за време на полициски операции.
ОМКТ предупредува на државните политики и неказнивост на одговорните за убиствата.