недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Обесени тројца осуденици во Ирак за бомбашки напад од 2016 година во кој загинаа 300 лица

Обесени тројца осуденици во Ирак за бомбашки напад од 2016 година во кој загинаа 300 лица

Во Ирак изминативе два дена се обесени три лица, кои биле осудени за учество во бомбашки напад со автомобил во Багдад во 2016 година, во кој загинаа повеќе од 300 лица, а стотици други беа повредени.

Бесењето е извршено во неделата или вчера, соопшти кабинетот на премиерот Мохамед Шија ал Судани, без да даде детали, пренесува Би-би-си.

Премиерот ги информираше семејствата на жртвите дека е извршена „праведна смртна казна“ против „тројца клучни криминалци кои беа прогласени за виновни за учество во терористичкиот бомбашки напад“, соопшти неговиот кабинет.

Бомбашкиот напад во Багдад, беше извршен на 3 јули 2016 година додека голем број луѓе беа надвор ноќе за време на исламскиот свет месец Рамазан. Возило преполно со експлозиви беше разнесено пред преполн трговски центар во Карада, претежно шиитска област во ирачкиот главен град. Во експлозијата и пожарот што го зафати објектот загинаа многу луѓе.

Тоа беше најсмртоносниот поединечен бомбашки напад во Ирак од инвазијата предводена од САД во 2003 година.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава (ИД). Оваа терористичка организација беше поразена и ја загуби контролата врз територијата во Ирак, но се уште е активна, наведува Би-би-си.