Од околу 13.000 туристи, кои биле заробени во снежната олуја во Зермат, популарниот ски-центар во Швајцарија, неколку стотини со хеликоптер биле префрлени во селото во близина.
Полициски службеник во Зермат соопштил дека вчера биле префрлени меѓу 300 и 400 луѓе и дека хеликоптер и денес ќе ги пренесува туристите кои сакаат да го напуштат местото.
Се очекува подоцна во текот на денот да биде делумно отворена железничката пруга која води од Зермат.
Локалните службеници истакнуваат дека никој од туристите не е во опасност и дека ситуацијата е мирна. Се наведува дека многу улици се веќе исчистени, а кафулињата се отворени.
Полицијата пред два дена ги затворила патиштата кои водат до таа област, а подоцна биле откажани и железничките линии.
Скијањето и планинарењето во таа област, оддалечена на околу 120 километри источно од Женева, е забрането.
Одлуката да се блокира пристапот до ски-центарот била донесена откако имало предупредување на максимален ризик од лавина.