Примирјето меѓу Израел и палестински Хамас во појасот Газа стапи во сила рано утрово во 2.00 часот по локално време. Со тоа заврши единаесетдневниот вооружен судир во кој беа убиени повеќе од 240 лица, од кои повеќето во Газа, јави Би-Би-Си. Палестинците излегоа на улиците во Газа непосредно по почетокот на примирјето, додека Хамас предупреди дека „прстите им се сè уште на чкрапалото“.
И Израел и Хамас прогласија победа.
За прекинот на огнот се огласи и американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека тоа е „одлична можност“ за напредок. Израел вчера нападна објекти на Хамас во северна Газа повеќе од 100 пати, а палестинските сили возвратија со ракети. Израелскиот политичко-безбедносен кабинет соопшти дека ја прифаќа препораката да се запрат вооружените судири.
– Политичките власти потенцираат дека ситуацијата на теренот ќе одлучи дали ќе има продолжување на конфликтот или не, додаде тој.
Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц преку Твитер порача дека офанзивата врз Газа донесе „невидени воени придобивки“. Лидер на Хамас за светските агенции изјави дека примирјето што го најави Израел претставува „победа“ за палестинскиот народ и пораз на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Примирјето стапи во сила утрово во 2.00 часот по локално време, по што многу Палестинци излегоа на улиците во Газа, прославувајќи го крајот на конфликтот движејќи се во колони автомобили.
Од звучниците на џамиите можеше да се слушне дека тоа е „победа на отпорот постигнат над окупацијата за време на битката „Ерусалимски меч“. Сепак, Басем Наим, од советот за меѓународни односи на Хамас, за Би-Би-Си изјави дека е скептичен во однос на должината на траењето на примирјето.
– Без правда за Палестинците, без запирање на израелската агресија и израелските злосторства врз нашиот народ во Ерусалим, примирјето ќе биде слабо, рече Наим.
Вооружениот конфликт почна пред 12 дена, по неколкудневни немири во источен Ерусалим и на Ридот на храмовите каде беше првото место на конфликтот меѓу Израелците и Палестинците. Израел смета дека му припаѓа и окупираниот источен дел на Ерусалим, каде што живеат Палестинци, кои го сметаат за главен град на нивната идна држава. Судирите во тој дел од градот почнаа поради најавата дека некои палестински семејства ќе бидат иселени од нивните домови во тој дел на градот и ќе се населат Израелци.