понеделник, 10. јуни 2024. Вести денес: 0
home Вести

Октај: Турскиот парламент нема да брза со приемот на Шведска во НАТО

Октај: Турскиот парламент нема да брза со приемот на Шведска во НАТО

Комитетот за надворешни работи на турскиот Парламент ќе расправа за ратификацијата на шведското членство во НАТО кога тоа прашање по нормална процедура ќе дојде на дневен ред, изјави денеска претседателот на комисијата, Фуат Октај, додавајќи дека ова прашање не е толку итно за Анкара како што е за некои други земји.

-За предлог-законот Шведска-НАТО ќе се дискутира кога за него ќе дојде време, согласно дневниот ред на Комисијата за надворешни работи. Се што е итно за другите земји не мора да биде итно и за нас, им изјави Октај на пратениците на средба во парламентот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред десет дена официјално го проследи барањето за прием на Шведска во НАТО до турскиот Парламент, по 17 месеци блокада, соопштија од неговиот кабинет.

Ердоган во јули го укина ветото за прием на Шведска во НАТО, додавајќи дека ратификацијата ќе зависи од турскиот Парламент, што по летната пауза продолжи со работа на 1 октомври.

Од летото турскиот претседател продолжи да врши притисок врз Шведска да преземе мерки против навредите на Куранот.

Анкара ги прекорува шведските власти за нивната попустливост кон курдските милитанти кои живеат на нејзина територија и бара да бидат екстрадирани десетици од нив.