сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ОН бараат средства за помош на 16 милиони Авганистанци

ОН бараат средства за помош на 16 милиони Авганистанци

Првите луѓе на главните агенции на ОН денеска ја повикаа меѓународната заедница да обезбеди финансиска поддршка за операциите за хуманитарна помош во Авганистан, односно да им помогне на 16 милиони луѓе.

“На авганистанскиот народ му е потребна нашата поддршка повеќе од кога било порано. Нашите организации се посветени на помагање и заштита. Ќе останеме во Авганистан и ќе ги исполниме ветувањата”, се наведува во соопштението.

Апелот беше потпишан од првите луѓе на Меѓуагенцискиот постојан комитет на ОН. Тоа е координативен форум на високо ниво што ги собира шефовите на 18 организации на ОН и надвор од ОН. Одборот има редовни состаноци, но и вонредни, во случај на некоја моментална криза во светот.

Потписници на апелот се шефот на хуманитарните операции на ОН, Мартин Грифитс, шефот на Светската програма за храна, Дејвид Бисли, шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, и Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

Тие ги повикаа донаторите да ги зголемат финансиските напори, бидејќи потребни се 1,3 милијарди долари за помош на 16 милиони луѓе во Авганистан.

Досега е добиена само 37 проценти од претходно побараната помош.

На почетокот на годината, половина од авганистанското население, вклучувајќи повеќе од четири милиони жени и речиси десет милиони деца, веќе имаа потреба од хуманитарна помош, а повеќе од половина од децата на возраст под пет години беа неухранети.

„Овие потреби нагло се зголемија поради конфликтот, сушата и коронавирусот“, се додава во соопштението, во кое талибанците се повикуваат да обезбедат „безбеден, брз и непречен“ пристап до хуманитарните работници.