Во шпанските одморалишта владее паника, бидејќи во близина на плажите била забележана најбрзата ајкула на светот која може да се движи со брзина од 70 километри на час, пренесуваат медиумите во светот.
Станува збор за мако ајкула која нуркачите ја забележале на околу 15 километри од брегот на Барселона, што е прво појавување во оваа област во последните 10 години.
Според нуркачите, оваа ајкула може да биде долга и до пет метри. Во моментов, според написите е долга два и пол метри.
Ајкулата сосема случајно ја забележале нуркачите во близина на селото Гараф за време на експедиција на здружението „Китови“. Инаку, ова здружение ги надгледува китовите, делфините и морињата поради длабочината на водите на овој простор.
„Видовме како се движи голема црна сенка. Бевме малку збунети. Но наеднаш видовме дека нешто излегува од морето. Набрзо забележавме грбна перка”, изјавил фотографот за шпанскиот весник „El Pais“.