недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Папата Франциск ги осуди смртните казни во Иран поврзани со антивладините демонстрации

Папата Франциск ги осуди смртните казни во Иран поврзани со антивладините демонстрации

Папата Франциск денеска го осуди изрекувањето смртни казни во Иран на лица кои се осудени во судски процеси поврзани со антивладините демонстрации „на кои се бара поголемо почитување на достоинството на жената“.

Во своето годишно обраќање пред амбасадорите во Ватикан, папата рече дека противењето на Ватикан за абортусот е како и неговото противењето на смртната казна, бидејќи и двата чина се нарушување на основното право на живот. Тој додаде дека смртната казна е „недозволива“ во сите околности.

– Правото на живот е загрозено и на места каде што сè уште се изрекува смртна казна, како што е случајот деновиве во Иран, каде демонстрантите бараат поголемо почитување на достоинството на жената, рече папата, додавајќи дека правдата не може да се постигне со смртна казна.

Тој посочи дека тоа „не претставува заплашување, ниту пак обезбедува правда за жртвите, туку само ја поттикнува жедта за одмазда“.

Ова е првпат папата да ги спомне демонстрациите во Иран кои траат од септември кога Махса Амини почина по апсењето, бидејќи наводно неправилно носела хиџаб.