Папата Франциск вчера ја предводеше меѓународната молитва за мир во Украина и другите делови на светот зафатени од војна, седејќи во инвалидска количка пред споменикот што Римјани традиционално го поврзуваат со мирот.
Папата ја посети базиликата Санта Марија Маџоре во Рим и се помоли пред статуата на Марија Кралицата на мирот. Папата Бенедикт XV го нарачал овој споменик во 1918 година, барајќи од Бога да стави крај на Првата светска војна.
Верниците во Украина, Ирак, Сирија и на други места ја следеа церемонијата преку видео врска, а католиците ширум светот се молеа во исто време.
На мисата во Рим во живо присуствуваа околу илјада луѓе, меѓу кои и украинскиот амбасадор во Ватикан и многумина кои дојдоа облечени во боите на украинското знаме.
Пред молитвата со бројаницата, папата Франциск побара од пресвета Богородица „да ги помири срцата полни со насилство и одмазда“.
Светиот отец, кој постојано повикува на мир во Украина, страда од болки во колената и во последните недели се движи со инвалидска количка.