На Малта ќе се одржат парламентарни избори на 26 март, изјави премиерот Роберт Абела, додавајќи дека ќе побара од претседателот да го распушти Парламентот.
Петгодишниот мандат на Владата завршува во јуни, а според анкетите на јавното мислење, се очекува централно-левичарската Лабуристичка партија на Абела да освои трет последователен мандат.
– Иднината е светла затоа што сме силни во сегашноста, истакна Абела пред приврзаниците на митингот во Флоријана, недалеку од главниот град на Малта, Валета.
Абела е премиер и лидер на лабуристите по оставката на Џозеф Мускат во јануари 2020 година, кој ја доведе партијата до убедливи победи во 2013 и 2017 година.
Поранешниот премиер на Малта, Мускат, поднесе оставка по апсењето на бизнисменот Јорген Фенек, кој е обвинет за соучесништво во убиството на новинарката Дафне Каурана Галиција во октомври 2017 година.
Медиумите тогаш објавија дека Мускат и неговиот шеф на кабинет биле добри пријатели со Фенек. Никој од нив не е обвинет за вмешаност во убиството.
И покрај оставката на Мускат и обвинувањата за корупција, Лабуристичката партија останува водечка благодарение на силната економија и големата помош за компаниите за време на пандемијата на ковид-19.
Изборите на 26 март ќе се одржат една недела пред посетата на папата Франциск.