Тројца премиери кои пред 10 дена го посетија Киев- полскиот премиер Матеуш Моравјецки, чешкиот Петр Фијала и Словенецот Јанез Јанша подготвиле план од 10 чекори за запирање на нападот на Русија, а доколку нивниот план не успее и не се заврши војната, тогаш Западот да почне активно да ја брани Украина.
Прво, сите руски банки мора да бидат исфрлени од меѓународниот платен систем SWIFT, второ, Западот мора да подготви заедничка политика за давање азил на руските војници кои одбиваат да му служат на режимот во Москва и трето, мора да се запре руската пропаганда во Европа.
„Слободата на говор не значи право на лажење“, напиша полскиот премиер Моравјецки, кој денеска планот го претстави за сајтот „Политико“.
Моравјецки, Фијала и Јанша бараат да се блокира влезот на руските бродови во пристаништата на западните земји, а истата блокада да го опфати и патниот сообраќај кон и од Русија.
Планот предвидува проширување на санкциите не само на олигарсите, туку и на целото нивно деловно опкружување и суспендирање на визите за руските граѓани кои сакаат да се приклучат на ЕУ.
„Рускиот народ мора да разбере дека ќе ги сноси последиците од оваа војна. И се надеваме дека ќе му го сврти грбот на Путин“, рече полскиот премиер во авторскиот напис за „Политико“.
Планот во последните три точки предвидува санкции против сите членови на руската партија Единствена Русија, забрана за извоз во Русија на сите технологии што можат да се користат за водење војна и на крајот да се исклучи Русија од сите меѓународни организации.
„Не можеме да седнеме на иста маса со криминалците“, напиша Моравјецки.
На крајот полскиот премиер побара да се оди понатаму, доколку овие потези не вродат со плод, и да се испрати мировна мисија на НАТО и други меѓународни организации во Украина.
„Доколку не успееме да воведеме ефективни санкции, немаме избор, мора да го браниме украинскиот народ со сопствени штитови“, заклучи Моравјецки за „Политико“. (МИА)