Премиерот на Канада, Џастин Трудо за првпат го употреби терминот „геноцид“ во Украина, откако истото го стори и американскиот претседател Џо Бајден. Од друга страна, француски и германски лидери, не се склони кон таква квалификација, коментираат медиумите.
– Сè повеќе и повеќе може да зборуваме за геноцид, одговори Трудо, прашан како ги коментира изјавите на претседателот на САД.
Тој додаде и дека се гледа „желбата да се напаѓаат цивили и да се користи како оружје, сексуалното насилство“.
– Тоа е потполно неприфатливо, истакна премиерот.
Трудо потсети за испратените канадски истражители во Украина и дека Канада е една од првите држави што го иницираше судскиот процес пред Меѓународниот кривичен суд, со цел да се „осигура дека рускиот претседател Владимир Путин ќе одговара за своите дела, своите воени злосторства“.
Бајден во вторникот го обвини рускиот претседател дека врши „геноцид“ во Украина. Досега, зборот го користеше само украинскиот претседател Володимир Зеленски, потсетуваат медиумите.
Зеленски ги поздрави „вистинските зборови на вистинскиот лидер“, затоа што „да се нарекуваат работите со нивните вистински имиња, е клучно за спротивставување на злото“.
Кремљ во текот на вчерашниот ден соопшти дека е „неприфатливо“ тоа што Бајден користи такви зборови за рускиот претседател.
Францускиот претседател Емануел Макрон, како и германскиот канцелар Олаф Шолц, вчера не го употребија терминот „геноцид“ во своите изјави.
– Би рекол дека Русија, еднострано, ја почна бруталната војна, утврдено е дека воените злосторства ги изврши руската војска и сега мора да ги пронајдеме одговорните, подвлече Макрон за Франс 2.
Тој смета дека „ова што се случува е лудило, неверојатно брутално“.
Шолц, исто така, се послужи со терминот „воени злосторства“.
Според Зеленски, одбивањето на Макрон да го осуди „геноцидот“ во Украина, е „болно“.
– Доколку се точни, ваквите забелешки за нас се многу болни. Ќе дадам сè од себе, денеска да разговарам околу тоа со Макрон. Ако не, тогаш утре, кога ќе има време, додаде Зеленски.