Американскиот претседател Џо Бајден си ги поврати претседателските овластувања што „кусо време“ и ги имаше пренесено на потпретседателката Камала Харис поради „тоа што беше под анестезија заради колоноскопски преглед“, како дел од неговата редовна проверка на здравствената состојба, соопшти Белата куќа.
Бајден, најстариот претседател во историјата на САД, рано утринава замина на преглед во Медицинскиот центар „Волтер Рид“ во близина на Вашингтон, во пресрет на неговиот утрешен 79-ти роденден.
Белата куќа овој здравствен преглед го опиша како „рутински годишен преглед“. Ова е прв ваков преглед врз американскиот претседател од преземањето на функцијата во јануари.
За време на колоноскопскиот преглед, Бајден беше под анестезија, и, како што било случај досега, потпретседателот ја презема власта, што вклучува контрола врз американската војска и арсеналот на нуклеарно оружје.
Харис (57) е првата жена што ја извршува функцијата потпретседател на САД.