Австриските фризерски салони повторно ги отворија вратите откако владата делумно го олесни својот трет „локдаун“, но предуслов да добиете нова фризура е да имате негативен тест на коронавирус.
По 1,5 месец од последното затворање во Австрија повторно се отворија продавниците, музеите и училишта. Студентите мора да бидат тестирани двапати неделно доколку сакаат да присуствуваат на часови. Се создаваат големи редици пред продавниците и фризерниците.
Зголемената побарувачка за тестирање е видлива на контролните пунктови во Виена. Дури и неодамна отворениот Центар за тестирање во познатата палата Шонбрун воведе нови боксови за тестирање, предвидувајќи ја навалицата.
Поздравувајќи ги првите клиенти по неколку недели, виенската фризерка Сузана Шрајбер изјави дека од една страна чувствува олеснување што може повторно да работи, но „истовремено своевидан пречка претставуваат задолжителните тестови, што некои наши клиенти не ги прифаќаат добро”
Поплаки од фризерите за новите правила се појавија во некои од австриските весници, со посебен осврт на тешкотиите за тестирањата во руралните области.
Првата клиентка на фризерката Сузана Шрајбер се појави пред вратата на салонот точно во девет часот. Таа се претстави само како Мартина.
-Многу, многу сум среќна што можам да дојдам повторно на фризер, рече 49-годишната жена и додаде дека задолжителниот тест не и пречи.
„Моите родители се изложени на ризик и морам да се тестирам секој пат пред да одам да ги посетам“, додаде таа.
И соседна Словенија го воведе истото правило, но тоа не е широко прифатено во другите европски земји. (МИА)