Иран почна да збогатува ураниум до 60 проценти чистота во нуклеарната локација Фордоу, користејќи центрифуги ИР6, како одговор на резолуцијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) со која на Техеран му се наредува да прифати поголем степен на соработка, објави денеска иранската ТВ мрежа ЕС-ен-ен.
Иран, покрај тоа, ќе почне да гради нов комплет од центрифуги на истата локација, се наведува во извештајот на иранската ТВ мрежа, пренесен од британските медиуми.
Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија минатата недела, на гласање зад затворени врати, усвои резолуција со која на Иран му наредува веднаш да почне да соработува во истрагата на Меѓународната агенција за атомска енергија за трагите од ураниум пронајдени на три непријавени локации, наведоа неименувани дипломати.
Ова е втора резолуција годинава со која се бара од Иран да ја прифати истрагата, која стана камен на сопнување во разговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Иран воедно побара МААЕ да ја заврши истрагата.