среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Полицијата во Северна Ирска предупредува на можни напади на годишнината од мировниот договор

Полицијата во Северна Ирска предупредува на можни напади на годишнината од мировниот договор

Полицијата во Северна Ирска денеска предупреди дека вооружени дисидентски групи планираат напади за време на велигденските празници, кога ќе се одбележи 25-годишнината од мировниот договор со кој заврши тридеценискиот конфликт во тој дел на Обединетото Кралство.

Полицијата соопшти дека добила разузнавачки информации за планирано насилство околу парадата во Лондондери која во понеделник ќе се одржи во знак на сеќавање на Велигденското востание во 1916 година против британската власт во Ирска.

Американскиот претседател Џозеф Бајден треба да го посети Белфаст следната недела, кога Северна Ирска ја одбележува годишнината од потпишувањето на Договорот од Велики петок на 10 април 1998 година, со кој заврши тридеценискиот конфликт меѓу католиците и протестантите во кој загинаа 3.600 луѓе.

Благодарение на тој договор, со посредство на САД, ирските републиканци (католици) и паравоените групи лојални на Лондон (протестантите) го положија оружјето и воспоставија заедничка влада во Северна Ирска.

Меѓутоа, мали дисидентски групи повремено вршат напади врз безбедносните сили. Како резултат на тоа, британските власти минатиот месец го подигнаа нивото на закана од тероризам во Северна Ирска на „сериозно“, што значи дека се смета оти напад е многу веројатен.