Островот Бали од минатата година има воведено задолжително носење на заштитна маска поради коронавирусот, а кршењето на таа обврска се санкционира парично, но и на други, многу невообичаени начини.
Видео снимката која моментно се објавува на социјалните мрежи прикажува збунети туристи кои облечени за на плажа или за прошетка низ егзотичниот остров, во присуство на полиција прават склекови.
Тоа е всушност казна за странците кои не ги почитуваат правилата за превенција од ширење на коронавирусот во оваа земја, а кои во себе немале седум долари да ја платат паричната казна за кршење на мерката. Бали инаку е главно затворен за странски туристи, но на островот сепак има гости кои пристигнуваат од останатиот дел на Индонезија.
Во последните неколку дена полицијата„фатила“ околу стотина туристи кои не носеле заштитна маска. Повеќето ја платиле казната, но колку 30 немале во себе пари, па морале да прават склекови. Оние кои воопшто немале маска морале да направат 50 склекови, додека оние кои не ја носеле на правилен начин, добивале физички полесна задача и морале да направат 15 склекови.
Овој метод на казнување меѓутоа не важи само за странците, туку е забелеќан и случај кога неколку локални жители биле принудени да вежбаат поради непочитување на антиепидемиолошките мерки.