Поранешниот пакистански премиер Имран Кан најави дека во петок ќе почне протестен марш за повик на предвремени избори, потег што се смета за негов последен притисок да ја собори владата, пренесе ДПА.
– Ние имаме за цел мека револуција, им рече Кан на новинарите во источниот град Лахоре доцна синоќа.
Кан рече дека маршот ќе биде мирен и последен круг од неговата борба да ја собори, како што ја нарече, „увезената“ влада на премиерот Шехбаз Шариф.
Почнувајќи од Лахоре, маршот ќе помине околу 380 километри по најпрометната транспортна артерија во земјата, патот ГТ.
Кан рече дека е отворен за дискусии и оти е подготвен да се соочи со затвор за каузата.
Властите во главниот град направија планови да го спречат маршот, вклучително и распоредување на дополнителни полициски и паравоени сили и блокирање патишта со повеќе од 500 бродски контејнери.
Во 2014 година, кога партијата на Шариф дојде на власт, пакистанскиот Техрик-е-Инсаф (ПТИ) на Кан организираше 126-дневно седење пред парламентот барајќи повторни избори. Многумина веруваат дека армијата беше зад протестот.
Кан дојде на власт во 2018 година, ветувајќи дека ќе ја искорени корупцијата и ќе ја заживее економијата, но не успеа да ги исполни повеќето од своите ветувања.
Тој привлече огромни толпи на митинзи кои бараа предвремени избори откако беше сменет од функцијата преку гласање недоверба во април.
Тој отворено ја критикуваше моќната војска на земјата што не застана на негова страна кога се соочи со гласање недоверба и ги обвини САД дека стојат зад промената на власта. (МИА)