Поранешниот туниски премиер Али Ларајед е во затвор под сомнение дека испраќал џихадисти во Сирија, објавија неговите адвокати.
Одлуката ја донел истражен судија кој се занимава со истраги за тероризам.
Според официјални извори, околу 6.000 Тунижани заминале во Сирија и Ирак во изминатата деценија за да им се приклучат на џихадистичките групи како што е Исламска држава. Многумина од нив се убиени, а други избегаа и се вратија во својата татковина.
Ларајед е висок претставник на исламистичката опозициска партија „Ан Нахда“ и непријател на претседателот Каис Сајед.
Во соопштението формацијата ги отфрли обвинувањата против поранешниот премиер како политички напад со цел прикривање на „катастрофалниот неуспех на изборите“.
На саботните парламентарни избори што ги распиша претседателот гласаа само 11,2 отсто од Тунижаните. Повеќето политички партии го бојкотираа гласањето, тврдејќи дека тоа е трик наменет за зајакнување на моќта на Сајед.
Откако стана јасно дека одѕивот на гласачите е исклучително низок, голем број големи партии, вклучително и „Ан Нахда“, рекоа дека претседателот е нелегитимен и треба да поднесе оставка.
Формацијата на Ларајед го обвинува Сајед дека извршил државен удар, узурпирајќи голем број овластувања од минатата година.
Претседателот ги отфрли критиките за слабиот одѕив. „Ситуацијата е слична на конечниот резултат на еден меч кој се објавува на крајот од првото полувреме“, рече Сајед и повика да се пресмета излезноста на гласачите по вториот круг.
Според новиот Изборен законик, бројот на места во еднодомниот Парламент е намален од 217 на 161. Само 21 место беше пополнето во првиот круг во саботата, што значи дека ќе има втор круг во повеќето изборни единици.