Русија драстично го засили своето воено присуство на границата со Украина, изјави денеска украинскиот претседател Петро Порошенко.
Тој предупреди дека во вакви услови постои опасност од „тотална војна“ меѓу Украина и Русија.
– Бројот на тенковите во (руските) бази, што се наоѓаат на нашата граница, се зголеми тројно, истакна Порошенко.
Според него, во исто време, драстично е зголемен и бројот на руските војници распоредени долж границата со Украина.
Тензиите во односите меѓу Москва и Киев екслаираа во неделата кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.
Суд во градот Симферопол на Крим денеска им одреди притвор од два месеци на 12 од 24-те украински морнари, под обвинеие за илегално преминување на границата со закана за насилство. Останатите 12 задржани украински морнари ќе бидат изведени пред Судот во текот на утрешниот ден.
Претходно денеска, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли идејата за меѓунеродно посредување во спорот меѓу Русија и Украина.
– Не гледам никаква причина за какви било посредници, изјави Лавров.