Индонезиските власти попладнево го повлекоа предупредувањето за можна појава на цунами во провинциите Западен Сулавеси и Централен Сулавеси, што беше издадено по силниот земјотрес што денеска го погоди централниот индонезиски остров Сулавеси.
Американскиот геофизички институт соопшти дека земјотресот бил со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, откако првично информира дека јачината на потресот била 7,7 степени.
По овој земјотрес во истиот регион се регистирнаи уште серија потреси, од кои неколку со интезитет од над 5,0 степени според Рихтер.
Индонезиската Национална агенција за справување со катастрофи соопшти дека при земјотресот се урнати „многу куќи“, но засега нема информации за евентално загинати и повредени лица.
Неколку часа пред силниот потрес, истата област ја погоди земјотрес со интензитет од 6,1 степени. Во потресот загина едно лице, десетина беа повредени, а урнати се и неколку куќи.
Индонезија честопати ја погодуваат земјотреси, а најкатастрофалниот удар беше во 2004 година, кога силен земјотрес предизвика цунами при кои загинаа над 226.000 луѓе во повеќе држави што излегуваат на Индиски Океан, од кои половината во Индонезија.