недела, 25. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Преговорите за новата австриска влада влегуваат во решавачка фаза

Преговорите за новата австриска влада влегуваат во решавачка фаза

По тридневниот прекин за Божиќ, мандатарот за состав на новата австриска влада и лидер на Народната партија (ОВП) Себастијан Курц и лидерот на Зелените Вернер Коглер денеска ги продолжуваат преговорите за коалиција, кои влегуваат во решавачка фаза.

Курц пред два дена изјави дека очекува многу брзо да биде формирана нова влада, а медиумите проценуваат дека тоа може да се случи во првите две недели од новата година.

Виенскиот весник „Кронен Цајтунг“, повикувајќи се на неименувани претставници на двете партии, тврди дека веќе е договорено кој ќе ги преземе кои министерства.

Денешната нова рунда преговори за коалиција не е последна, бидејќи состаноци се закажани и во текот на викендот, а официјално завршување на коалициските преговори е планирано за новата година.

Преговорите за коалиција во Австрија порано траеја во просек 60 дена, а најдолго се преговарало во 1962 година, кога ОВП и Социјалдемократската партија (СПО) преговараа 129 дена, додека најкусо – 22 дена, траеја преговорите во 2017 година кои резултираа со формирање влада меѓу ОВП и Слободарската партија (ФПО).