понеделник, 1. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Прекин на огнот во Мариупол и Волноваха за евакуација на населението преку хуманитарни коридори

Прекин на огнот во Мариупол и Волноваха за евакуација на населението преку хуманитарни коридори

Според градскиот совет на Мариупол, прекинот на огнот ќе трае од 09:00 до 16:00 часот по локално време (07:00-14:00 GMT), евакуацијата на цивилите ќе започне во 11:00 часот по локално време (09:00 GMT), трасата на коридорот е од Мариупол до Запорожје, автобусите ќе тргнуваат од три локации во градот, а по дадената рута ќе може да се движи и приватен превоз, патувањето подалеку од договорената рута е строго забрането
Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска од 10 часот по московско време ( 7 часот по ГМТ) ќе бидат отворени хуманитарни коридори од градовите Мариупол и Волноваха за цивилното население да ги напушти градовите. Ова е договорено со украинските власти, објавија руските медиуми.

Подоцна и украинската страна го потврди ова. Шефот на воената управа на регионот Доњецк, Павло Кириленко изјави дека привремениот прекин на огнот почнал од 09:00 часот по локално време (07:00 часот по Гринич) и дека неговата администрација моментално работи на деталите за евакуацијата.

Од градскиот совет на Мариупол објавија како ќе се одвива евакуацијата:

-Прекинот на огнот ќе трае од 09:00 до 16:00 часот по локално време (07:00-14:00 GMT)
-Евакуацијата на цивилите ќе започне во 11:00 часот по локално време (09:00 GMT)
-Трасата на коридорот е од Мариупол до Запорожје, на запад
-Автобусите ќе тргнуваат од три локации во градот, а по дадената рута ќе може да се движи и приватен превоз
-Градскиот совет бара од возачите целосно да го искористат целиот простор што го имаат во своите возила
-Патувањето подалеку од договорената рута е строго забрането.

Претходно, градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко повика на хуманитарен коридор во услови на тековна блокада и, како што ги нарече „немилосрдни напади“ од страна на руските војници.

Откако беше објавена одлуката за евакуација, Бојченко, даде емотивна изјава.

„Мариупол не е улици и куќи. Тоа се нејзините жители. Во услови на постојано, безмилосно гранатирање од окупаторите, нема друг избор освен да им се даде на жителите… можност безбедно да го напуштат Мариупол“, рече тој.

Зошто е важен Мариупол? Мариупол е пристанишен град со 450 000 луѓе во југоисточниот дел на земјата кој е опколен од руските сили и е под силно гранатирање.

Ако Мариупол падне, тоа ќе ѝ даде на Русија контрола врз едно од најголемите пристаништа во Украина и ќе создаде копнен коридор меѓу Крим – кој Русија го анектираше во 2014 година – и регионите Луганск и Доњецк поддржани од Русија, објавува Би-би-си во анализата.

Волноваха, е помал град и можеби помалку познат. Се наоѓа на север од Мариупол и исто така претрпе тешки судири од почетокот на инвазијата.

Градот е клучно место бидејќи се наоѓа на патот меѓу Мариупол и Доњецк контролиран од Русија.

Војната не запира

Но, иако во овие два града е најавен „привремен прекин на огнот“, војната низ целата земја продолжува.

Украинските медиуми известуваат за експлозии и претстојни воздушни напади во различни градови додека рускиот напад влегува во својот десетти ден.

Во источниот град Суми, моментално опкружен со руски војници, гранатирањето започнало во 05:00 часот (02:00 часот по Гринич) по локално време во саботата, објави каналот Украина-24.

„Киев Индипендент“ објави дека во Харков се слушнале повеќе експлозии. Еден жител кој се засолнил на железничка станица објави на Твитер дека ракети кои ја погодиле платформата уште во 03:00 часот по локално време утрово.

„Киев Индипендент“, исто така, на Твитер објави за предупредувања за воздушни напади во главниот град Киев, како и во градовите Суми, Житомир и Чернихив, барајќи од луѓето да одат до најблиското засолниште.