По девет месеци претседателствување во Белата куќа, рејтингот на Џо Бајден е исклучително низок, покажа најновата анкета на Галуп, јави дописникот на МИА.
Според истражувањето, 42 отсто од испитаниците ја одобруваат работата на американскиот претседател, што е најниско ниво досега од почетокот на неговиот мандат и втор најнизок рејтинг за еден претседател во речиси пет децении откако Галуп почна да ја спроведува оваа анкета.
Според Галуп, по 272 денови претседателство рејтингот на Бајден е 42 отсто. Рејтингот на неговиот претходник Доналд Трамп по 283 денови претседателствување бил 37 отсто, додека по 271 ден во фотељата – Барак Обама имал поддршка од 52 отсто. Според Галуп, по сличниот период во Белата куќа, претходните претседатели имале рејтинг од 88 отсто (Џорџ Буш-помладиот), 47 отсто (Бил Клинтон), 70 отсто (Џорџ Буш), 53 проценти (Роналд Реган) и 54 проценти (Џими Картер).
Набљудувачите коментираат дека причините за вака нискиот рејтинг на Бајден се јасни. Се работи за врзоп од настани како катастрофалното повлекување на американската војска од Авганистан, порастот на нови случаи на Ковид-19 поради Делта варијантата, тековните пробÐ �еми со снабдувањето на повеќе стоки и технички делови и постојаната затегнатост меѓу претседателот и демократите за усвојување на голем дел од неговата домашна агенда.
Трите главни закони кои поодамна се на дневен ред за усвојување се законот за инфраструктурата, законот за гласачките права и амбициозниот план за социјална сигурност.
Во изминатиот период интересно е тоа што постои внатрепартиска неусогласеност и се кршат копјата околу планот за инфраструктурата и за социјалната сигурност. Според некои набљудувачи, ако на Бајден и демократите, кои се мнозинство и во двата дома на американскиот Конгрес, им успее да изнајдат компромис околу овие два важни закони за кои се планирани да се потрошат 3.5 трилиони долари, тоа ќе го подобри рејтингот на претседателот.
Олеснителна околност е дека трендот со нови случаи на инфекции од Ковид-19 оди во надолна линија, и ако тоа продолжи Бајден може да се надева на повисоко одобрување меѓу генералната популација.