Министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску денеска изјави дека Романија во моментов е најголемиот снабдувач на електрична енергија за Молдавија, со учество до 90 отсто.
– Ја снабдуваме Република Молдавија со струја и сега, додека зборуваме. Од 80 до 90 отсто од електричната енергија во Молдавија доаѓа од Романија, рече Ауреску на донаторската конференција за помош на Молдавија, што се одржува во Париз.
Како што изјави Ауреску, Романија од октомври испорачува струја на Молдавија по поволни цени.
– Мислам дека е многу важно да ги поддржиме нашите пријатели и партнери, истакна тој.
Околу 45 земји и институции денеска учествуваат на донаторска конференција во Париз, со цел да доделат милиони евра помош за Молдавија, бидејќи се стравува дека земјата може да доживее колапс поради кризата на енергетскиот пазар. Молдавија е многу зависна од енергетските испораки од Русија и не може да произведе доволно електрична енергија откако Москва го намали извозот на природен гас во земјата за околу 40 отсто.