Осум проектили се истрелани кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност, соопшти регионалната воена управа на Лавов. Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.
Нападот на воената база во близина на Полска дојде откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков вчера предупреди дека западните конвои со оружје и воена опрема за Украина Русија ги третира како „легитимни цели за напад“.
Гувернерот на областа Лавов изјави дека во нападот на воената база западно од Лавов загинале девет лица, а ранети се 57 луѓе.
Украинскиот парламент на својот канал Телеграм објави дека гранатирањето го оштетило возот за евакуација во регионот на Доњецк.
– Во ноќта меѓу 12 и 13 март беше погоден воз за евакуација во близина на станицата Брусин во регионот на Доњецк. Возот бил на пат кон градот Лиман за да ги евакуира жителите на регионите Доњецк и Луганск. Еден од кондуктерите на овој воз загина, а друг е повреден, соопшти украинскиот парламент.