Руската војска денеска потврди дека во текот на изминатата ноќ извршила ракетни напади врз воени објекти во Украина, тврдејќи притоа дека ги „погодила сите цели“, додека украинските сили претходно денеска соопштија дека ги соборила сите руски ракети.
Според руското Министерство за одбрана, нападите биле насочени кон позициите на украинските сили и кон арсеналите со муниција и оружје добиени од западните земји.
Руската војска соопшти дека уништила и американски противвоздушен систем Патриот во Киев и пресретнала седум британски ракети.
Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников утринава изјави дека украинските сили, за време на ноќниот напад на Киев, собориле шест руски хиперсонични ракети Кинџал, оружје што е тешко да се пресретне.
Според началникот на Генералштабот на украинската војска, Валериј Залужни, Русија ја нападна Украина „од север, југ и исток“ со хиперсонични, крстаречки и балистички ракети, како и со беспилотни летала од иранско производство.
Залужни притоа додаде дека сите руски ракети биле соборени.