Портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Сергеј Никифоров, денеска повтори дека руските војници го напуштиле регионот на Киев и рече дека Москва ги повлекува своите сили во Белорусија, како и дека се подготвува за нова офанзива во источна Украина.
– Тие се повлекуваат од север и ги концентрираат своите напори да нападнат на исток, да ја опколат нашата војска во Донбас, изјави портпаролот Никифоров за Би-Би-Си.
Претходно Никифоров изјави дека властите во Украина пронашле нешто што „изгледа на воени злосторства“, вклучително и тела на цивили и масовни гробници, по повлекувањето на Русите од областа каде што се воделе борбите.
Тој за Би-Би-Си изјави дека сцените откриени на делумно окупираните територии, како што е градот Буча, се „навистина тешки да се опишат“. (МИА)