Обвинители од меѓународни правосудни тимови истражуваат евентуални воени злосторства за време на ракетните напади врз Киев и други украински градови, при што загинаа 26 лица.
Во нападите на 10 октомври убиени се 19 луѓе, повредени се над сто лица. Во вчерашната серија напади во градот Запорожје загинаа седум луѓе, а поради нападите во Лавов во прекин е снабдувањето со електрична енергија.
Истражителите за воени злосторства вчера посетија локации во Киев и ја испитаа штетата врз цивилите и цивилната инфраструктура, изјави британскиот адвокат Најџел Повоас, главен обвинител на Меѓународните мобилни тимови за правда.
– Дури и наводните широко распространети напади врз енергетската и комуникациската инфраструктура се чини дека имаа минимален ефект врз воените операции, но максимален ефект врз здравјето, страдањето и ширењето на теророт меѓу цивилното население како што се приближува зимата, додаде Повоас.
Русија негира дека таргетирала цивили во нејзината воена операција во Украина.