Неколку мрежи кои ги поврзуваат интернет-инфраструктурите на големите француски градови беа прекинати во текот на ноќта, во многу краток интервал. Државен извор за неделникот „Обс“ тврди дека овај прекин е предизвикан од „координиран злонамерен чин“, јави дописникот на МИА од Париз.
– Веќе немам интернет во моето место, реагираат корисници на интернет во Франција, каде нема повеќе ниту 4Г.
Во утринските часови, многу Французи се пожалија на тешкотии во поврзувањето. Официјален државен извор за „Обс“ потврдува дека станува збор за „координиран злонамерен чин“, особено „сериозен“ и „многу редок“.
– Очигледно е дека станува збор за саботажа и Обвинителството отвори истрага, вели истиот извор.
Еден телекомуникациски инженер посочува дека „околу 3:20 часот, 3:40 часот и 5:20 часот, каблите на неколку оптички мрежи на долги растојанија биле делумно отсечени“. Тоа бил кабелот „од Париз до Стразбур, Лион и Лил“. Овие кабли со оптички влакна „на долги растојанија“ овозможуваат поврзување на големите француски градови едни со други, особено за инфраструктури, како што се центрите за податоци. Исто така, преку оваа мрежа циркулира фиксен пристап до Интернет (АДСЛ и оптички влакна) и одредени телефонски линии.
Линијата Париз-Лион била прво пресечена, потоа Париз-Стразбур и Париз-Лил, со влијанија кои ги надминуваат овие големи градови и се шират на целата област. Извор во телекомуникациите за Обс вели дека пресекот на кабелот Париз-Лион се наоѓа на нивото на селото Ла Шапел-ла-Рен (Сена-ет-Марна) и поради тоа смета дека тоа е „чин на вандализам“. Исто така наведува дека тоа е „напад што може да се спореди со кибертероризам“.
Во последниве години, зголемен број базни станици беа вандализирани (70 во 2020 година), но тоа не влијаеше на фиксниот интернет бидејќи важните кабли што ја носат мрежата минуваат низ непознати локации.
Оваа состојба е многу загрижувачка бидејќи се работи за вистинска операција. Тоа може да бидат итри мали милитанти, како и многу посериозни. Жандармеријата ќе биде мобилизирана за набљудување на теренот, вели државниот извор за Обс.
Веб-страницата Free-Reseau, која прикажува аномалии со операторот Фри, за денеска на пладне посочува 190 тешкотии при поврзувањето во Франција, главно концентрирани на северот и истокот на земјата, како и на југот. Слична опсервација има и од страницата Zone ADSL, која посочува 8.314 дефекти на фиксниот интернет во последните 24 часа и 1.123 дефекти на мобилните мрежи, кои главно влијаат на операторот Фри, а во помала мера и на СФР.
Според информациите од страницата, кај Фри се деградирани 70 отсто од капацитетите. Сепак, операторот одби да коментира. На Твитер, Фри објави „повеќе злонамерни дејствија“ на инфраструктурата и дека сега се „ограничени“.
Се претпоставува дека се поштедени мрежите на Оранж и Бујиг Телеком. „Некои телекомуникациски играчи укажуваат дека забележале прекини на интернет врските, тврдат од Бујиг Телеком, кој гарантира „дека не се користат врските засегнати од овие дефекти. „Од своја страна, СФР потврдува дека „линиите со оптички влакна кои се исечени околу Лион и во Ил-де-Франс“ веќе се поправаат.
Враќањето во нормала не се очекува да се случи пред среда навечер. (МИА)