Советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон изјави дека САД имаат едногодишен план како да стават крај на севернокорејската нуклеарна програма.
Болтон најави дека американскиот државен секретар Мајк Помпео наскоро ќе разговара за тоа со Пјонгјанг.
– Државниот секретар Мајк Помпео во блиска иднина ќе разговара за тоа со Севернокорејците, за тоа како да се демонтира целата нивна програма за оружје за масовно уништување и балистички ракети за една година, посочи Болтон.
Но, експертите не се толку оптимистични како Болтон.
– Физички е можно да се демонтира добар дел од севернокорејската програма во рок од една година, изјави Томас Кантримен, кој во претхопдната администрација во Стејт департментот беше задолжен за контрола на оружјето.
Тој додаде дека не верува оти е можно за една година да се провери дали програмата е целосно завршена, како и дека не гледа доказ кај Северна Кореја дека е одлучна тоа да го направи.
Сигфрид Хекер, нуклеарен науичник и професор на Универзитетот Стенфорд предвидува дека ќе бидат потребни околу 10 години да се демонтира и исчисти главниот дел од севенрокорејскиот нуклеарен центар Јонгбјон.
Од друга страна, американските разузнавачки агенции не се сигурни колку нуклеарни боеви глави има Северна Кореја. Според проценките на Пентагон, Пјонгјанг има околу 50, но сите агенции се согласуваат дека Северна Кореја крие одреден број, посебно помали тактички ракети.
Американските разузнавачи се сомневаат дека Северна Кореја последните месеци го зголеми производството на гориво за нуклеарното оружје.
МИА