Белата куќа е во преговори со милијардерот Илон Маск за обезбедување на услугата Старлинк на СпејсИкс во Иран, јави Си-ЕН-Ен, цитирајќи официјални претставници запознати со преговорите.
Воспоставувањето мрежа на сателити над Исламската Република ќе им помогне на граѓаните на таа земја да ги заобиколат ограничувањата за пристап до интернет и социјални мрежи.
Американското Министерство за финансии минатиот месец соопшти дека дел од опремата на Старлинк може да се извезе во Иран, што укажува на тоа дека на компанијата можеби нема потреба од лиценца за давање услуги во Иран.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен претходно во објава на Твитер напиша дека САД презеле акција за „унапредување на слободата на интернет пристап и слободниот проток на информации“ во Иран.
Маск во вторникот рече дека Старлинк не добил никакво финансирање од американското Министерство за одбрана за неговите услуги во Украина, додавајќи дека компанијата губи околу 20 милиони долари месечно поради неплатени услуги и трошоци.