САД денеска соопштија дека воведуваат нови санкции кон Русија со кои ќе се наруши синџирот на снабдување на рускиот воен апарат и финансиските мрежи поврзани со Кремљ, меѓи кои и фирми во Франција и во Швајцарија.
Американското Министерство за финансии и Стејт департментот соопштија дека санкции се воведени за руската компанија за електроника „Миландр“ и за параван фирмите во Ерменија, Тајван и Швајцарија поврзани со руската компанија.
Како одговор на неиспровоцираната војна на Москва против Украина, САД продолжуваат да ги нарушуваат руските воени синџири за снабдување и да наметнуваат големи трошоци за оние кои му помагаат на претседателот Владимир Путин, како и на секој што ја поддржува бруталноста на Русија против својот сосед, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
САД воведе санкции и за членовите на семејството на рускиот олигарх Сулејман Керимов, кој веќе е под руски санкции, вклучително и една од неговите ќерки Гулнара Керимова, која поседува четири агенции за недвижности во Франција. Санкции се воведени и за и за швајцарската државјанка Лорен Кач, која раководи со овие агенции.
Новите ограничувања се насочени кон менаџментот на руско-малтеската авиокомпанија „Император авијација“, која организира луксузни патувања за семејството Керимов.
Меѓу лицата кои се санкционирани е и Александар-Валтер Студхалтер, кој има клучна улога во финансиската мрежа на Керим, како и рускиот бизнисмен Мурат Алиев и субјектите поврзани со него.
Санкции се воведени и за уште две швајцарски холдинг компании поврзани со Андреј Григориевич Гуриев, поранешен руски сенатор близок до Владимир Путин.
Со американските санкции се замрзнуваат и евентуалните имоти на овие лица во САД и се забрануваат какви било интеракции меѓу нив и американски или други банки. (МИА)