Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман денеска од Ријад замина во посета на Грција и Франција, што е прва посета на членки на Европската унија по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги пред речиси четири години.
Реалниот владетел со Саудиска Арабија беше во голема мера избегнуван од Западот по убиството на Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“ кој го критикуваше кралството. Тој беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.
Престолонаследникот Мохамед ќе се сретне со лидерите на Грција и Франција за да разговараат за билатералните односи и начините за нивно подобрување во повеќе области и прашања од заеднички интерес, се наведува во соопштението на саудиската новинска агенција.
Неговата посета почнува десет дена откако американскиот претседател Џо Бајден ја посети Саудиска Арабија и се сретна со Мохамед. Посетата на Бајден беше дочекана со критики во САД и беше осудена од меѓународните групи за човекови права.
Американските разузнавачки служби тврдат дека Мохамед бин Салман го наредил убиството на Кашоги, но Ријад го отфрла ова тврдење.
Саудискиот престолонаследник минатата година посети неколку арапски земји, а во јуни беше во Турција. Двете земји се обидуваат да ги нормализираат односите што се влошија по убиството на Кашоги.
И францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис минатата година ја посетија Саудиска Арабија.