Советот за безбедност на ОН денеска едногласно усвои резолуција предложена од САД за олеснување на хуманитарната помош за Авганистан за една година, со надеж дека талибанците нема да ги искористат средствата за себе.
Резолуцијата овластува исплата на средства за обезбедување на потребните добра и услуги со цел да се одговори на основните хуманитарни потреби во Авганистан, што, како што се наведува, не претставува кршење на санкциите воведени на лица и тела поврзани со талибанците.
Усвојувањето на овој текст го претставува првиот чекор на ОН кон Авганистан, каде што талибанците се на власт од август и во моментов не се признаени од меѓународната заедница.
Портпаролот на талибанците изјави во Кабул дека резолуцијата на ОН е „добар чекор напред“.
Резолуцијата има за цел да го намали ризикот од прилив на бегалци кои бегаат од сиромаштијата во соседните земји на Авганистан и да одговори на зголемената потреба за помош.
– Овој хуманитарен исклучок има за цел да ја олесни помошта за авганистанскиот народ, но тоа не е бланко чек за организациите кои ги прекршуваат нивните меѓународни обврски, рече помошникот на американскиот амбасадор во ОН Џефри Делаурентис, алудирајќи на талибанците.
За разлика од претходната верзија на текстот, која предвидуваше ограничени исклучоци од санкциите од случај до случај, што беше отфрлена од Кина во понеделникот, оваа резолуција го опфаќа обезбедувањето хуманитарна помош во поширока смисла.
– Сегашната ситуација во Авганистан е критична и хуманитарната криза треба да се реши што е можно поскоро, изјави кинескиот амбасадор во ОН Џанг Џун. „Хуманитарната помош не треба да оди со услови и не треба да се политизира“, додаде тој, отфрлајќи секаков „произволен услов“.
Во обид да се гарантира дека помошта ќе оди за Авганистанците и дека талибанците нема да имаат корист од неа, резолуцијата предвидува по 12 месеци повторно да се испита овој општ исклучок поврзан со хуманитарната помош.
Помошникот на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс го поздрави усвојувањето на резолуцијата, која ќе им овозможи на околу 160 хуманитарни организации во Авганистан да одговорат на алармантните нивоа на потреби во земјата и да го намалат страдањето на населението.
Откако талибанците се вратија на власт во средината на август, САД замрзнаа скоро 9,5 милијарди долари од фондовите на авганистанската централна банка, а Светската банка исто така ја прекина помошта за Кабул.
Русија денеска побара одмрзнување на средствата и финансиските ресурси кои Западот ги блокираше.