Мајката на францускиот тинејџер со алжирско-мароканско потекло, кој беше убиен од полицаец во вторникот затоа што не го запрел автомобилот, верува дека полицаецот пукал кога видел арапско лице и дека смртта на нејзиниот син била мотивирана поради расни причини.
„Јас не ја обвинувам полицијата, обвинувам една личност, онаа што го одзеде животот на мојот син“, изјави Муниа за „Франс 5“ во своето прво интервју за медиумите по пукањето во вторникот наутро.
Таа рече дека 38-годишниот полицаец, кој е обвинет за убиство, можел на друг начин да го контролира нејзиниот син.
„Не мораше да го убие мојот син. Куршум? Толку блиску до неговите гради? Не, не“, расплакано изјавила самохраната мајка, вработена во медицинскиот сектор за францускиот тв канал.
„Полицаецот виде арапско лице, мало дете и сакаше да му го одземе животот. Колку долго ќе трае ова? Уште колку деца ќе бидат вакви? Колку мајки ќе се најдат во мојата ситуација?“, додаде таа.
Во четвртокот Мунија го предводеше маршот низ предградието Нантер, западно од Париз, каде што живееше со нејзиниот син, што заврши со судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Седумнаесетгодишниот Нахел М. бил застрелан од полицаец од непосредна близина во вторникот наутро во париското предградие Нантер. Возел жолт мерцедес кога бил запрен поради сообраќајни прекршоци.
Инцидентот предизвика немири во Париз и градовите низ Франција, каде што демонстрантите се судрија со полицијата.