понеделник, 12. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Шарл Мишел предлага формирање Европска геополитичка заедница

Шарл Мишел предлага формирање Европска геополитичка заедница

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска предложи формирање на европска геополитичка заедница која ќе придонесе за зближување и зајакнување на соработката меѓу европските земји, вклучително и Западен Балкан, во решавањето на заедничките предизвици, промовирањето мир и стабилност и безбедноста на континентот.

– Земјите од Западен Балкан, земјите кои се приклучуваат од нашето источно партнерство и другите европски земји со кои имаме блиски односи се првите на кои мислам. Лидерите на земјите кои би учествувале во овој проект ќе се состануваат најмалку двапати годишно, а надворешната политика би била најважната област на соработка во таа заедница, рече Мишел.

Во говорот на денешната седница на Европскиот економски и социјален комитет во Брисел, тој најави дека веќе почнал консултации со лидерите на ЕУ 27 за формирање на Европската геополитичка заедница и оти ова прашање ќе го стави на дневен ред на јунскиот самит на ЕУ.

– Во координација со француското претседателство со ЕУ ќе организирам средба со лидерите на ЕУ и на Западен Балкан во јуни, на маргините на Европскиот совет, најави Мишел.

Претседателот на Европскиот совет за лето најавува и конференција на која треба да се соберат лидерите на ЕУ и заинтересираните партнерски земји за да разговараат за конкретни опции за новиот заеднички проект.