Претседателот на компанијата што го разви софтверот за вештачка интелигенција ChatGPT Сем Алтман на денешното сослушување пред американскиот Конгрес изјави дека владината интервенција е клучна за да се ублажат ризиците од производството на сè помоќните системи со вештачка интелигенција (ВИ) од новата генерација.
„Како што напредува оваа технологија, сфаќаме дека луѓето се загрижени за тоа како таа би можела да го промени животот. И ние сме загрижени“, рече Алтман.
За време на својот говор, покрај потенцијалните закани, тој изјави дека „вештачката интелигенција има потенцијал да најде лек за ракот“, пренесе Би-Би-Си.
„Работиме на изградба на алатки кои еден ден може да ни помогнат да направиме нови откритија и да се справиме со некои од најголемите предизвици во светот како климатските промени и лекувањето на ракот“, рече Алтман.
ChatGPT брзо стана глобален успех од неговото лансирање во ноември, а конкурентските компании, вклучително и Гугл се тркаат за објавување на сопствени верзии на чет-ботови со вештачка интелигенција.
Милиони корисници ја користат оваа алатка, која по дадена сугестија може да компонира песна, да напише текстови од секаков вид, од писма, рецепти до маркетинг стратегии за рекламирање и училишни и студентски задачи и семинари.
ChatGPT има пристап до огромна база на податоци на онлајн текстови, од упатства за употреба до учебници и дигитализирани книги.
Сепак, овој софтвер за вештачка интелигенција овозможува мамење на домашните задачи, па неговата појава предизвика загриженост во училишниот систем, што способноста на поновите генерации на оваа алатка да измамат, да шират невистини и да ја нарушат заштитата на авторските права само дополнително го подгрева.
Иако нема непосредни знаци дека Конгресот ќе донесе нови правила за вештачка интелигенција, како што тоа го прават европските законодавци, загриженоста на општеството го донесе Алтман во Белата куќа.
Демократскиот сенатор Ричард Блументал, кој претседава со поткомитетот на Сенатската правосудна комисија за приватност, технологија и закон, го отвори сослушувањето со емитување на снимен говор што го направи ChatGPT клонирајќи го гласот на сенаторот.
„Што ако дадов поддршка за тоа Украина да се предаде на рускиот претседател Владимир Путин“, рече Блументал, објаснувајќи дека клонираниот глас на функционер може да се користи на овој начин.
Главната службеничка за приватност и доверба Кристина Монтгомери побара од Конгресот да заземе пристап на „прецизна регулација“ во своето обраќање.
„Ова значи воспоставување правила кои ќе ја регулираат примената на вештачката интелигенција во одредени случаи на употреба, наместо да ја регулираат самата технологија“, рече таа.
Почесниот професор Гери Маркус пред почетокот на сослушувањето истакна дека човештвото создало машини кои се како „слонови во продавница за порцелан“ и дека никој не може да гарантира дека се безбедни, наведува Би-Би-Си.
„Бевме премногу бавни да реагираме кога се појавија социјалните платформи, а изборот што го правиме сега ќе има трајни последици“, потенцираше тој.