сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шентоп: Турција сака да биде посредник за мирно решение на конфликтот во Украина

Шентоп: Турција сака да биде посредник за мирно решение на конфликтот во Украина

Претседателот на Меклисот, Мустафа Шентоп, на почетокот на 30. Средба на претседателите на Парламентот на земјите-членки на Парламентарното собрание за Црноморска економска соработка (ПАБСЕЦ), изјави дека Турција би сакала воениот конфликт во Украина да биде решен на мирен начин и оти Анкара сака да биде посредник.

– Црноморскиот регион е на раскрсницата на различни култури и религии. Тој е и богат извор на природни ресурси. Што се однесува до нашата заедничка географија, мораме да кажеме дека она што не обединува, не е само Црното Море. Мораме да продолжиме да ја развиваме нашата соработка. Мораме да имаме заеднички инвестиции, тоа е многу важно за постигнување мир и спокој во нашиот регион, посочи Шентоп.

Тој алудирајќи на војната во Украина истакна оти „за жал, регионот на Црното Море доживува многу непријатни времиња“, што предизвикува и огромна штета на економијата.

– Би сакале овој конфликт да се реши по мирен пат. Нашата земја го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Сега мора да се откажеме од оружјето. Ми се чини дека Турција секогаш најавувала дека сака да биде посредник за изнаоѓање мирно решение за воен конфликт. Знаете дека сме успешни во однос на размената на затвореници, постигнавме и договор за житото. За жал, има голем број земји во светот кои профитираат од овој воен конфликт додека двете страни страдаат, посочи Шентоп.

Шентоп се осврна и на проблемите поврзани со климатските проблеми, со пандемиите.

– Нашата цел секогаш треба да биде заедничка соработка во борбата против климатските промени, со пандемиите. Нашиот претседател често вели дека светот е поголем од петте (постојани претставници на Советот за безбедност на ОН). Се разбира, Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕЦ) е од големо значење за постигнување на мир. Мораме да успееме да ги сопреме конфликтите уште во зародиш. Се надевам дека наскоро ќе се постигне мир во нашиот регион, нагласи Шентоп.

Во Анкара денеска и утре се одржува 30. средба на ПАБСЕЦ и 61. Средба на БСЕЦ. Земји-членки на БСЕЦ се Азербејџан, Албанија, Бугарија, Грција, Грузија, Ерменија, Молдавија, Романија, Русија, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина.