Шпанската Влада повторно препорача целосна блокада на главниот град Мадрид, откако локалните власти воведоа ограничувања во одредени области.
Тоа го објави министерот за здравство Салвадор Ила. Новите ограничувања се очекуваа откако потврдените случаи во државата надминаа 700.000, а повеќе од една третина од сите хоспитализирани во Шпанија се во Мадрид.
Регионалната влада во Мадрид ги прошири подрачјата под блокада. Повеќе од милион луѓе се погодени.
Антонио Запатеро, регионален заменик-началник за здравство, рече дека ограничувањата ќе влијаат на 167.000 луѓе во осум нови области. Тие нема да можат да го напуштат својот кварт, освен до работа, училиште и медицински причини.
Мадрид го зголеми бројот на блокирани области од 37 на 45. Околу 6,6 милиони луѓе живеат во главниот град, но главната грижа е што има нагло зголемување на приемите во болница. Во последната недела, речиси 500 пациенти беа хоспитализирани секој ден. (МИА)