Главниот епидемиолог во швајцарскиот кантон Граубинден, во кој се наоѓаат Санкт Мориц и Давос, ги предупреди рестораните да не ги користат визирите за заштита на вработените од новиот коронавирус, нагласувајќи дека тие создаваат „лажно чувство за безбедност“.
Предупредувањето влијае врз стратегиите при отворање на некои ресторани, хотели и други бизниси поврзани со туризмот. Во Германија, некои провинции им овозможуваат на услужните работници да носат визири, додека други бараат да носат заштитни маски.
Во швајцарските ресторани не е задолжително работниците да носат заштитни средства за лице, но некои вовеле таков услов.
Епидемиологот Марина Јамники истакна дека маските за вработените, кои не можат да одржат растојание од 1,5 метри, се подобро решение отколку „проѕирните пластични шлемови прицврстени со лента за главата“.
– Анализата на случаите и начинот на ширење на болеста, покажува дека пластичните шлемови, кои се користат во рестораните, не нудат доволна заштита. Има случаи на заразени лица со визири, тврдат од кабинетот на Јамники.
Во предупредувањето се напоменува дека визирите имаат помошна улога при заштитата од Ковид-19, а за ефикасна заштита потребни се физичка дистанца и маски за лице.
Германскиот институт Роберт Кох соопшти дека маските се подобри, бидејќи тие „ја забавуваат брзината на здивот и распрснувањето на плунката и секретот“, додека визирите само „ги ловат капките, кои паѓаат на пластичниот штит“. (МИА)