Најмалку 59 лица загинаа при лизгање на земјиште и од удар на гром за време на силните бури во Бангладеш и во Индија. Милиони лица се блокирани, а здравстевните работници се борат за да дојдат до најзагрозените.
Метеоролози предупредуваат на влошување на временските услови во наредните неколку дена. Владини лица во Бангладеш ја опишуваат состојбата како најлоша во земјата од 2004 година, јави Би-би-си.
Постојаните дождови минатата недела поплавија огромни делови од североисточните региони на Бангладеш. Ситуацијата ја влошува истекувањето на дождовницата од планините во соседна Индија.
Училиштата се претворени во импровизирани засолништа, а војници евакуираат лица отсечени од соседните заедници.
По пет дена непрекинат дожд, во Асам во Индија над 1.8 милиони лица се соочени со поплави.